Исламската милитантна група „Абу Сајаф“ објави видео во кое од германската влада бара да исплати откуп во висина од 10 милиони долари за да го ослободи германскиот граѓанин Јурген Кантнер, кој од ноември е во заложништво.
Според видео пораката, неисплаќањето на откупот ќе значи смрт за Кантнер, јавува дописникот на МИА од Берлин.
„Ви даваме ултиматум да ги исполните нашите барања. Неплаќањето на откупот ќе предизвика отсекување на главата на германскиот граѓанин. За германската влада: Се чини дека не обрнувате внимание на нашите барања поради вашата ароганција. Зарем не научивте ништо“, порачуваат исламските милитанти во видеото објавено ноќеска на интернет.
Кантнер, кој има 70 години, бил заробен на југот на Филипини во Малајското Море, а неговата сопатничка Сабине Мерц била убиена минатата година кога се обидела да избега од заложништво, објави информативната агенција „Сите“.
Групата „Абу Сајаф“, која минатата година обезглави двајца Канаѓани кога Канада одби да плати откуп, е дел од „Исламската држава“. Во моментов во заложништво држи граѓани на Холандија, Филипинни, Малезија, Виетнам, Индоннезија и Јужна Кореа.
Според агенциски извештаи, минатата година групата „Абу Сајаф“ заработила над седум милиони долари од откуп на киднапирани заложници.