Владата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе се соочи со ризик од меѓународни конфликти и отстапување од демократските вредности, предупредува американското разузнавање.
– Случувањата во економијата и политиката, технолошките промени и загубата на лидерството на САД даваат основа за мрачна и тешка иднина, се вели во извештај на Националниот совет за разузнавање насловен – Глобални тенденции:Парадоксот на прогресот.
– Во следните пет години ќе има големи тензии во и меѓу државите. За добро или лошо, глобалниот пејзаж ја турка кон крај ерата на американско лидерство по Студената војна.
Таков извештај се објавува на секои четири години колку е и претседателскиот мандат. Оваа година во извештајот се опишани предизвици со кои ќе се соочи американската влада: екстремни разлики во приходите, демографски потреси, последици од климатски промени, пораст на конфликти.
– Ќе биде многу тешко да се одржи меѓународната соработка и да се управува како што очекува општеството, наведуваат авторите.
Според нив, над моделот на либерализмот, што преовладува во западниот свет, е надвисната закана на популизам – левичарски и десничарски.
– Народите ќе сакаат од владите да им гарантираат безбедност и просперитет, но стагнацијата на приходите, поларизацијата и големиот број предизвици ќе направат пречки, се вели во извештајот.