Американската вселенска сонда Војаџер 1 е на излегување од Сончевиот систем и ќе биде прв уред направен од човек што ќе патува низ меѓуѕвездениот простор, пренесе Макфакс.
Војаџер влезе во подрачјето на работ на Сончевиот систем зад кое е меѓуѕвездениот простор, покажуваат инструментите на сондата лансирана во 1977 година и сега е 18,5 милијарди километри далеку од нашето Сонце.
„Мислиме дека станува збор за последната етапа на патувањето на Војаџер пред да влезе во меѓуѕвездениот простор”, изјави Едвард Стон, водител на проектот на калифорнискиот технолошки институт во Пасадена.
Две сонди од типот Војаџер беа лансирани во 1977 година во период од еден месец и обете се во добра состојба. Војаџер 2 сега е на 15 милијарди километри од Сонцето.
Задачата на истражувачката програма на Војаџер е да ги истражи планетите надвор од Сончевиот систем.
Војаџер 1 и 2 летаа над Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и 48-те нивни месечини.
Благодарејќи на податоците што ги собираат девет инструменти на секоја сонда, Војаџер е најуспешна истражувачка мисија на Сончевиот систем во целата историја на истражувањето на вселената.
Двете сонди Војаџер открија голем број информации за прстените на Сатурн и овозможија откривање на прстените на Јупитер.
Покрај тоа, ги испратија и првите прецизни снимки на прстените на Уран и Нептун, открија 33 нови месечини и забележаа вулканска активност на јупитеровата месечина Ијо, како и необичниот состав на Европа, исто така месечина на Јупитер.