Во четвртиот дел од таканареченото мегаинтервјуо за Република, Никола Груевски продолжува со нападите за Сорос, за медиумите финасирани од него, меѓу кои вели имало и “албански медиуми“.
Тој дури Сорос го прашува дали знаел како дејствува СЈО, за чие функционирање потпис лично има ставено токму Никола Груевски со уште тројцата лидери на партии, и кој дури и ја пофали обинителката Катица Јанева по нејзиниот избор.
Груевски го советува Сорос и да ја преиспита својата политика и да се корегирал.
-Свесен ли е дека со неговите пари уништува огромен број млади генерации, кои намамени со неговите пари, се имаат ставено под команда, индоктринација и влијание на овие психопати од комунизмот?
-Какви лаги и интриги ни прават меѓу албанскиот електорат не само медиумите финасирани од Сорос, туку често и некои албански политичари кои својата неспособност и неисполнетите ветувања пред албанскиот електорат секогаш ги фрлаа на контото на ВМРО-ДПМНЕ, објаснувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ како поголем партнер во владата го попречил тоа и тоа. И ова не го претпоставувам, туку го знам. Некои албански политичари и ми го признале неформално. И сето тоа, не само што беше неточно туку и никој не го демантираше. По ова прашање покренав некои иницијативи во партијата пред година-две, но не наидоа на поддршка, и тоа меѓу другото придонесе да продолжи да се креира лажна и црна слика меѓу Албанците за ВМРО-ДПМНЕ. Да потсетам, колку што се присутни во македонските уште поприсутни се парите на Сорос во албанските медиуми.
-Но, седнал ли некогаш со специјалната обвинителка да поразговара и да види со кого си имаме работа?
Да види како покренала обвинение против мене за наводна шлаканица која никогаш никому не му била удрена и како одиме на судења без еден елементарен доказ, чијашто цел е наша компромитација со влегувањето и излегувањето од судот, да ја чуе како вреска по судовите како недоделкана сакајќи зад повишениот тон да го затскрие своето незнаење и неспособност во спроведувањето на политички и партиски мотивираните процеси, вели Груевски во интервјуто.