Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен изрази очекување министрите за надворешни работи од Алијансата денеска да го поддржат барањето на Турција за распоредување на ракети „Патриот“ долж границата со Сирија, единствено како одбранбена мерка.
Оваа изјава Расмусен ја даде пред почетокот на дводневната средба на шефовите на дипломатии од земјите на НАТО во Брисел.
– Турција може да се надева на нашата целосна солидарност. Верувам дека ќе ја изразиме нашата решителност да го заштитиме секој од сојузниците, кој се наоѓа под закана, истакна Расмусен, додавајќи дека распоредувањето на ракетниот систем нема да има врска со создавањето забранета зона за летови.
Во врска со односите кон оваа тема од страна на Русија, генералниот секретар на НАТО вети целосна транспарентност на реципрочна основа. Тој нагласи дека врските на Алијансата со Москва имаат потреба од дополнителна енергија.