Вработен во кривичниот суд поднесе тужба против кандидатот за претседател во судот, Владимир Панчевски поради мобинг.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ кој го застапува тужителот за А1он ја потврди информацијата и кажа дека Основниот суд Скопје 2 веќе ја прифати тужбата.
Според него, Панчевски неколкупати го префрлал Горан Стаменковски на различни работни места кои не одговараат на неговите квалификации без основана причина. Освен тоа, Стаменковски бил и парично казнуван од тогашниот претседател на Кривичниот суд, што како што вели Давидовиќ, било неосновано.
Како што тврдат извори на А1он, мобингот започнал по пресуда која била законска, но спротивна од желбите на Панчевски.
Тужбата е на разгледување кај судијката Хилда Мешкова, а како што рече адвокатот Давидовиќ, се очекува судскиот процес да започне на средината на јануари.
Освен тужбата, во обвинителството се поднесени и две кривични пријави против Владимир Панчевски. Како што кажа адвокатот на Стаменковски, едната кривична пријава е поднесена за малтретирање во служба, а другата за повреда на рамноправност.
Александар Тодески