Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски упати честитка до Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Република Македонија и до сите верници од католичка вероисповед по повод Божик.
– Дозволете ми, Вам, на Вашето ценето свештенство и монаштво, како и на сите верници од католичка вероисповед, во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, да Ви ги упатам моите честитки по повод еден од најголемите христијански празник, Христовото раѓање – Божик. Празнувањето и одбележувањето на овој голем празник од секогаш претставувало радосен момент во душата на секој верник. Примајќи ја веста за раѓањето на синот Божји, одново и одново во нас ја примаме ѕвездата водилка која постојано не просветлува и насочува како да бидеме подобри луѓе, да шириме љубов и да правиме добри дела, се вели во честитката од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Божик, се потенцира, не потсетува дека Бог во својата намера да го доближи човекот до себе, да му покаже што е добро, а што лошо дело, одлучи да го испрати својот син на земјата за да ги превземе врз себе сите слабости и гревови на човековата природа. Со овој чин се исполни надежта на родот човечки и се роди изворот на љубовта и добрината што никогаш не пресушува.
– Да го празнуваме заедништвото со Бога и да се помолиме и во иднина Бог да биде со нас, со нашите верници, со нашите семејства, со нашата земја. Да се продолжи по патот на напредокот, и унапредување на секоја сфера и област од општественото живеење. Нека христовата светлина ги осветли Вашите домови. Нека е за многу години големиот христијански празник – Божиќ. Христос се роди, се нагласува во честитката од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ до католичките верници во Македонија.