„Продолжете да работите на зачувување на врските со Македонија. Чувајте ја традицијата и македонскиот јазик и продолжете со вашите напори за зачувување и промовирање на нашиот национален и културен идентитет“, им порача премиерот Никола Груевски на македонските иселеници во Лос Анџелес.
Во обраќањето пред присутните, премиерот Груевски ги повика иселениците да бидат сплотени и обединети и да ги помагаат нивните блиски во Македонија бидејќи нивната помош е значајна за сите во државата.
„Бидете заедно и бидете сплотени и обединети. Такви ќе бидете и посилни во секоја прилика кога и е потребно на Македонија. Кога ќе дојдат избори оние кои сакаат да гласаат ќе може да гласаат за кого сакаат и како сакаат. Кога ќе поминат изборите бидете сите за Македонија. Чувајте ја традицијата, чувајте го јазикот – македонскиот јазик, чувајте ги македонските песни и фолклор. Пренесувајте ги македонските обичаи на помладите. Кога ќе можете и колку ќе можете почесто доаѓајте во Македонија, има многу убави нешта што може да се видат таму“, истакна Груевски.
Осврнувајќи се на сето она што е направено во изминатиот период, премиерот потсети дека во моментот Македонија е држава со најниски трошоци за правење бизнис споредено со која било земја во Европа. Потенцира дека со намалувањето на многу трошоци за водење бизнис Македонија е земја која нуди најповолен даночен пакет за оние кои инвестираат во неа и оти е многу интересна дестинација за почнување бизнис.