Според податоците од Хемиско-епидемиолошката служба на Центар за јавно здравје Крива Паланка, во екот на сеозната на грип, во општините Крива Паланка и Ранковце досега се регистрирани само два случаја на заболени од ова вирусно заболување.
– Во двете општини, за среќа, се уште нема појава на зголемен број на случаи на грип. Во октомври и ноември нема регистрирано ниту еден случај на грип, додека од почетокот на месецов досега има само двајца заболени. Едниот е на возраст над 65 години, додека другото лице е на возраст од 15 до 64 години, информира д-р Елена Крстевска, ПЕ на ХЕС, Кр.Паланка.
Нагласи дека најверојатно имунизацијата реализирана кон крајот на октомври со 160 дози вакцини, дадени за само два дена, претежно кај хронично болни лица над 65-годишна возраст, според неа, придонела за исклучително мал број заболени досега.
Упати препорака до сите пациенти, и до оние кои се вакцинирани, превентивно да внесуваат повеќе течности и витамини во исхраната преку конзумирање овошје и зеленчук, со цел да се зајакне имунитетот, бидејки, како што рече, вакцината не штити од настинки, туку од грип.
– Во пораст е бројот на случаи со настинка и тоа претежно кај децата од предучилишна и училишна возраст, а не е поштедена ниту повозрасната популација. Поради ова, препорачуваме поголем внес на течности и витамини, избегнување близок контакт со заболени лица и избегнување на поголеми собири-рече Крстевска.
Порача да не се престојува во затворени простории подолго време, а доколку тоа е неизбежно, истите почесто да се проветруваат.