Си-Ен-Ен – Атланта
Трамп се уште не е претседател, а веќе ја преврти наопаку надворешната политика на САД.
Тоа се однесува на двете земји кои претставуваат најголем предизвик за американската моќ – Кина и Русија.
За разлика од Администрацијата на неговиот претходник Барак Обама, Трамп се приближува до Москва, а ги зголемува тензиите со Кина.
За само пет недели, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на светот му го покажа тоа што Американците веќе добро го знаеја – дека е непредвидлив, дека не игра според вообичаените правила и дека ќе води курс кој се карактеризира со индивидуализам.
Тоа никаде не е толку очигледно како во развојот на политиката кон Русија и Кина, која е проследена со коментари и твитови на новоизбраниот претседател, како и од потенцијално контроверзниот избор на неговиот државен секретар.
Тимот на Обама по првобитниот обид да ги ресетира односите со Русија, постепено зазеде непријателски став кон Кремљ, кога Путин повторно стана претседател, а посебно по анексијата на Крим во 2014 година.
Наспроти тоа, Обама се обиде да негува деликатен однос со Кина со што помалку конфронтации, користејќи протоколарни формулации какви што постојат веќе 40 години.
Таа политика е ставена на проба на се по отворените обиди на кинескиот претседател Си Џинпинг да се наметне на меѓународен план и со претензиите во Јужното Кинеско Море, но резултат имаше и во договорот за климатските промени склучен во Париз.
Меѓутоа, Трамп намерно ги заостри односите со Кина, доведувајќи ги во прашање цврстите принципи кои ги водеа односите на САД со Пекинг, а се чини е подготвен и да ја користи политиката на „една Кина” како лост.
И додека ги зголемува тензиите со Кина, Трамп покажува знаци на приближување на американската надворешна политика кон Москва.
За државен секретар Трамп го именуваше директорот на „Ексон-Мобил“, Рекс Тилерсон кого Путин го смета за пријател, а зборуваше и за тоа дека ќе соработува со Русија во Сирија и заеднички ќе се бори против Исламската држава, без оглед на тоа што Москва е сојузник на Башар ел Асад, кого администрацијата на Обама го смета за воен злосторник.