Фејсбук воведе нова опција која се вика „Месинџер Камера”.
Станува збор за алатка која на корисниците им овозможува да разменуваат фотографии со текст, налепници, илустрирани рамки и анимирани ефекти.
Опцијата прво ќе биде достапна на иОС и апликациите на Андроид.
„Месинџер Камера“, треба да го направи праќањето фотографии и видео записи поедноставно и поинтересно, соопшти од Фејсбук.
Единствена разлика во однос на истата алатка на Снапчет е дека фотографиите кои се разменуваат преку новата опција, не исчезнуваат откако ќе се испратат.
Меѓутоа, постојат неколку сличности.
Освен стандардниот текст, налепниците и емотиконите кои можат да се праќаат со фотографиите, новата опција вклучува и анимирани маски кои се верзија на Фејсбук од селфијата на Снапчет. Дури се испраќаат и со илустрирани рамки кои потсетуваат на геофилтерите на Снапчет.
Опцијата исто така вклучува ефекти со чија помош фотографиите изгледаат како уметнички дела.
Интересно е што Снапчет минатата недела ја отстрани речиси идентичната опција.