ВМРО-ДПМНЕ, по средбата во партиското седиште на нејзиниот лидер Никола Груевски со амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, соопшти дека амбасадорот се интересирал за неколку прашања, при што го истакнува прашањето за натамошното коалицирање на досега владејачката коалиција којашто според прелиминарните конечни податоци на Државната изборна комисија, засега важи како тесен победник на предвремените парламентарни избори од 11-ти декември.
Груевски, придружуван од партиските функционери Никола Тодоров, Владимир Ѓорчев, Александар Николоски остварил средба со амбасадорот Бејли, и како што се посочува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ „Амбасадорот на САД на средбата се интересираше за неколку прашања“.
„На прашањето за плановите за натамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ, беше одговорено дека коалициите ќе зависат покрај од ВМРО-ДПМНЕ, и од другите политички партии, кои покрај одлуката која треба да ја донесат внатре во партиите имаат влијание и од други надворешни фактори“, се наведува во писмената изјава.
На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, му било одговорено дека за тоа присутните немаат овластување да го информираат, се вели во соопштението од партијата.
На прашањето на амбасадорот Бејли дали во тој поглед може нешто да помогне, било одговорено дека „не може да помогне, пред сé, затоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата“ а на забелешката на амбасадорот „дека досега тој многу помогнал, му беше изразена благодарност за тоа“.
„Стана збор и за скандалозната одлука на ДИК за поништување на избирачкото место бр 0396-1 во општина Гостивар, и беа објаснети деталите за незаконската одлука на ДИК. Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат, и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање. Беше прашано дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува одлуките кои ДИК ќе ги донесе. Беше одговорено дека прашањето е хипотетичко и дека ќе бидат поддржани одлуки кои се во согласност со законот“, се вели во соопштението.
Амбасадорот Бејли потенцирал дека САД се пријатели на Република Македонија, иако некои членови на партијата според неговото мислење не го делат тој став.
„Беше одговорено дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО, ЕУ и односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но дека тоа незначи дека некои поединци, партијата или дражавата не може да изрази некое несогласување со некои чекори на поединци кои ги преставуваат САД“, истакнуваат од владејачката партија.
Амбасадорот на САД, Џес Бејли, веднаш по излегувањето од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со претседателот на партијата Никола Груевски, за новианрите кои го чекаа надвор, во забележително куса изјава изјава истакна дека Соединетите држави се партнер на Македонија и дека тој сака и со Груевски и со другите партии кои освоија мандати да поразговара за иднината на земјата.
„Ја ценам можноста да слушнам за изборите и патот напред. Како што знаете, САД е партнер на оваа земја и ние имавме добар разговор. Јас ќе имам слични состаноци со останатите лидери на партиите кои добија мандат на овие избори“, рече Бејли.
Дел од медиумите посетата на Бејли на седиштетото на ВМРО-ДПМНЕ ја поврзаа со случувањата од четвртокот вечерта пред ДИК кога на протестот на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу повеќето говорници директорот на Државниот архив упати порака до „Амбасадорот“, без споменување на неговото име, порачувајќи дека треба да си замине и да не се меша во внатрешните работи на земјата.