Окружниот суд во Прага 1 денеска по читањето на обвинението во случајот ,,поткуп на пратеници”, го одложи судењето на поранешниот премиер Петр Нечас на неодредено време, јави дописникот на МИА од Прага.
Судењето на Нечас, неговата најблиска соработничка Јана Нагиова Нечасова, сега негова сопруга и високиот државен службеник Роман Бочек се одложи заради испитување на забелешките на нивните адвокати за пристрасност на јавните обвинители кои го водат случајот.
Обвинителите наводно не ги земале в предвид доказите кои тие ги предложиле.
Според обвинението, Нечас, Нагиова Нечасова и Бочек потплатиле тројца пратеници ветувајќи им функции во државни фирми, доколку се откажат од мандатите заради несогласување со важни закони кои мораа да се донесат во Парламентот.
Овој случај беше еден од неколкуте кои доведоа до паѓање на Кабинетот на Нечас и распишување на вонредни парламентарни избори во 2013 година.