Изложба на рачно изработен сребрен филигрански накит насловена „Идентитет“ на дизајнерката Јованка Јанкоска ќе биде отворена вечер во 19 часот во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“.
Изложбата „Идентитет“ е скромен обид да се подзабрише глобализациската прашина и уште еднаш да се ѕирне во сегмент од нашиот традиционален културолошки идентитет.
Експонатите – уникатни парчиња накит, изработени рачно со техниката Филигран, се моќна алатка за навраќање во едно друго време од овие простори.
Со медиумот сребрена жица, надополнет со македонски рубин и други полудраги камења, авторот на оваа изложба Јанкоска, со креативно синтетизирање на традиционалните и модерните модни тенденции, успешно создава парчиња накит со висока естетика, кои дискретно, но достоинствено би ја надополниле, односно украсиле секоја жена.
Локалниот идентитет, кој е во основата на формата, техниката и методите на создавањето на експонатите, во овој случај добива универзални уметнички димензии. Изложените креации се одликуваат со вештина на префинетост до перфекција, нагласувајќи ја константната нишка на убавина низ времињата минати и сегашни.
Ниту концептот, ниту контекстот на оваа изложба не се случајни, не се инцидентни. Идентитетски – се. Очигледна е нејзината зрелост, нејзината временска замисла и реализацијата. Овие уникатни и вредни парчиња накит наведуваат на вредносни размислувања за тоа „од кај сме, што сме и каде одиме“.
Љубителите на сребрен филигрански накит ќе имаат можност до среда 13 декември да ја посетат изложбата на Јанкоска (Filigree by Bobe), која е од продажен карактер.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.