Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром по минатонеделниот триумф над Будуќност (96:90), попладнево ќе му гостуваат на вториот црногорски тим во АБА лигата, Морнар, кој сезонава е и тоа како опасен противник, особено на домашен терен.
Желбата на избраниците на тренерот Анте Назор е да се повтори играта од дуелот со подгоричани, пред се во нападот и заедно со далеку поагресивна игра во одбраната да пробаат да дојдат до првата гостинска победа сезонава. Тоа воопшто нема да биде лесно и поради квалитетот на противникот и поради отсуството на двајца стартери, Ксавиер Темс (семејни проблеми) и Стефан Синовец (стомачен грип) додека во тимот се враќа Ѓорѓе Дреновац, од кого се очекува многу на денешниот дуел во Црна Гора.
– Морнар пред се е домаќинска екипа, која, сепак, и направи многу проблеми на Игокеа во минатото коло на средбата во Лакташи. Ќе мора да бидеме максимално борбени, фокусирани и тимски подготвени на претстојниот дуел во Бар. Ќе пробаме со алтернативни одбрани да го спречиме противникот да не ни го разбие ритамот на игра. Целта и понатаму ни е да бидеме подобро од натпревар во натпревар и ако во Црна Гора бидеме оние вистинските тогаш сигурно ќе имаме шанса за победа, вели хрватскиот стратег на клупата на аеродромци.
Сино-белите во моментов имаат скор 4-8 и со евентуален триумф против Морнар би направиле голем исчекор кон средината на табелата, особено што следува потешкиот дел од распоредот кој почнува следната сабота кога во Скопје ќе гостува Црвена звезда.