ЦИА заклучи дека Русија интервенирала на овогодинешните претседателски избори во САД со цел Доналд Трамп да победи и тоа не само за да се подрие довербата во американскиот изборен систем.
Оваа изјава за Ројтерс ја даде висок американски функционер, кој побарал да остане неименуван, пренесува Танјуг.
– Американските разузнавачки агенции проценија дека функционери од руската Влада, посветувале се поголемо внимание на напорите на Доналд Трамп да победи на изборите во подоцнежниот тек на кампањата, прецизирал изворот.
„Вашингтон пост“, цитирајќи американски функционери, објави вчера дека разузнавачките служби идентификувале поединци поврзани со руската Влада кои му обезбедиле на „Викиликс“ илјадници хакирани мејлови на Демократскиот национален комитет и на други лица и институции, вклучувајќи ја и личноста која ја водеше кампањата на Хилари Клинтон.
Ен-Би-Си ја пренезува реакцијата на транзитниот тим на Трамп, кој вели дека „тоа се истите луѓе кои зборуваа дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување“.