Ал Џезира Балкан – Сараево
Крајот на животот на неприкосновениот лидер на кубанската држава во последните 57 години е дочекан со целосно различни емоции, како во самата држава, така и во САД (посебно во Мајами и Флорида), каде живеат голем број кубански емигранти.
Ако би можело од неутрална и оддалечена точка да се направи некоја анализа или да се формира визуелна слика за ваквото комунистичко уредување, на прв поглед може да се каже дека ова беше систем со големи спротивности, социјални разлики и неверојатна еклектика на модерната техника со занаетите од пред повеќе од неколку векови наназад (поправката на возилата била импровизирана со делови од дрво) иако така не било првобитно планирано.
Можеби најголемата спротивност на општественото уредување беше и самиот Кастро, кој како лидер на општеството кое прокламира рамноправност, мора да се признае, со стил уживаше во сите облици на хедонизмот. Како таков стана речиси митски лик, кој во свој стил носеше војнички панталони, пушеше „Кохиба” и држеше долги говори. Тие долги говори не смееле да бидат попречени ниту од силен дожд, така на Кастро чадорот му бил целосно „непотребен” предмет. Подоцна ова со чадорот го гледавме и кај другите. Исто така и самиот број на жените и децата на Кастро, отсликувал живот на човек кој не е својствен на просечен Кубанец (Кастро имал осум деца и повеќе жени).
Меѓутоа, треба да се наведе дека Кастро му забележувал на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито на пренагласениот луксуз, па тоа била една од причините која довела до разидување на овие двајца харизматични лидери.
Национализацијата на главните столбови на монополот
Фидел Кастро пораснал во богато семејство, кое имало голема плантажа на шеќерна трска. Бил исклучително вреден. Подоцна завршил и правен факултет, така ги знаел повеќето проблеми кои го спречуваат капиталистичкото општество да стане по хуман и по чесен систем.
Својата политичка борба и револуција ја почнал во 1953 година, кога организирал преврат против тогашниот водач Фулгенсија Батиста. Борбата се завршила така што Кастро завршил во затвор, каде бил до 1955 година. Потоа заминал во САД и организирал соборци во група под името „26-ти Јули”. Еден од главните водачи на оваа група бил и познатиот Ернесто Гевара, познат како Че Гевара.
Во почетокот на 1959 година со оваа група истомисленици влегол во Хавана и воспоставил власт.
Набрзо потоа, веќе во 1960 година Кастро го национализира она што според негово мислење биле главни столбови на монополот, електраните за производство на електрична енергија, рафинериите и големите плантажи. Исто така ги национализирал и шеќераните.
Тоа предизвикало општа реакција на САД, па тие во 1960 година вовеле трговско ембарго за Куба, кое се однесувало на сите видови трговски трансакции, со исклучок на лековите и храната. Во наредниот период, целата побарувачка за машини, превозни средства и останата техничка стока, Куба морала да ја задоволи во трговија со тогашниот СССР. Таа соработка некако функционирала се до 1989 година, кога дошло до распад на Советскиот Сојуз. Во наредниот период Куба минувала низ навистина тешки времиња, па така дошло до пад на БДП за некои 35 отсто.
Во тек на долги години Куба со комбинација на историските прилики и темпераментноста на тамошните луѓе направила школски пример за „земја со бренд”. Овој бренд со децении наназад привлекува туристи од сите краишта на светот кои ја посетуваат оваа карипска земја. Како што налагале приликите, така и Куба во оваа стопанска гранка видела прилика на осиромашените граѓани да им пружи можност да го дополнат својот домашен буџет.
Дошло до попуштање на стегите во строго планираното стопанство, па така во последните години дозволено е да се отвараат приватни ресторани и да се изнајмуваат станови и соби во рамки на туристичкиот бизнис. Пред неколку години дозволен е промет на недвижнини меѓу Кубанците, кои до тогаш живееле во станови кои биле државни, а граѓаните само ги користеле.
Дозволено е и купување на странски возила, но под специфични услови. Имено, граѓаните на Куба за купување на нови возила требале да платат данок од 400 отсто, така на пример цената на Пежо 206 од 2013 година достигнувала неверојатни 67.000 евра. Така тие возила ги купувале дипломати или привилегирани граѓани, ослободени од тој данок, а потоа тие возилата ги препродавале.
Недостиг на стакло
Кубанците и покрај многу ниските плати, на пример од 20 долари месечно, некако успевале да соберат пари за некои работи кои им биле потребни. Големите девизни дознаки од нивните роднини кои живеат во САД биле значителна ставка во буџетот на многу семејства. Покрај тоа, овие девизни дознаки во Куба и сега исто така се сигурен извор на приходи за многу семејства.
Куба го организирала својот систем на производство и дистрибуција на храна па така сигурно никој не може да остане гладен. Но, самата дистрибуција на храна често е лоша, па често има недостиг на некоја стока, која инаку се произведувала во доволна количина. Граѓаните на поранешна Југославија добро знаат како се снаоѓале во околности кога државата не можела да обезбеди увоз на некоја стока или репроматеријали. Ние добро се сеќаваме на недостигот на прашаци, кафе, тоалет хартија, горива и струја. Кубанците, покрај целата можна сиромаштија, го почувстувале и недостигот на стакло, што предизвикало разни импровизации.
Покрај сите несреќи кои ја следат ваквата организација на општеството и стопанството, мора да се потенцира дека на Куба целосно е искоренета неписменоста, а здравствената заштита е на многу високо ниво и ги опфаќа сите граѓани.
Сепак, колку и да биле хумани некои странски плански стопанства и корисни за поединецот, луѓето сакале слобода, избор и разновидност која го пружа капитализмот, каков што го познаваме денес. Затоа тенденцијата и желбата на многу луѓе е од комунизмот да побегнат во капитализам, без разлика колку и да чини тоа. Самостојниот опстанок на една држава во речиси тотално глобализирана економија на цела планета е речиси невозможен. Во прилог на тоа зборува фактот дека Куба, како и сите социјалистички држави, морала да се задолжува.
Куба во 1986 година се нашла во состојба повеќе да не може да ги сервисира долговите. Пред две години Русија одлучи да отпише 90 отсто долг кој датира од времето на СССР, а кој изнесувал над 30 милијарди долари. Исто така и Парискиот клуб одлучил да отпише 8,5 милијарди долари на Куба, а преостанатите 2,6 милијарди треба да бидат вратени во следните 18 години.
Денес кубанското стопанство постепено се отвора, па полека се појавуваат инвестиции, како нови пристаништа и хотели. Пристаништето „Мариел” е пристаниште во кое Бразилците вложиле околу 900 милиони долари и кое ќе претставува сериозна конкуренција на пристаништата на Бахамите.
Капитализмот е пред самите врати на денешна Куба. Набрзо ќе видиме колку брзо Куба ќе се врати на системот од пред 1959 година и каква ќе биде судбината на сегашните партиски лидери, на чело со братот на Фидел, Раул Кастро.