Министерот за здравство Никола Тодоров, платил 2.585 евра народни пари за да си го изрекламира својот говор и ставови за штрајкот во здравството.
„Во пет дневни весници го огласи својот говор од вчерашната прес-конференција. Ако се погледнат ценовниците на весниците на нивните интернет-страни, Тодоров за објава на своето обраќање закупил простор за што платил вкупно 2585 евра, пари од буџетот на Министерството“, објави АЛФА ТВ.
Министерот Тодоров , кој до вчера не ги препознаваше штрајкувачите, и велеше дека штрајк не постои, вчера одржа долг говор на прес-конференцијата, со серија обвинувања и етикетирања за лекарите-штрајкувачи.
Штрајкот го нарече политичка манипулација.
„Видоа дека не им проаѓа така лесно сценариото со лажење и манипулација да креираат незадоволство, немаат масовност и не можат да ја реализираат замислата на партискиот шеф да извадат на улица стотици доктори“- изјави вчера министерот.