Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги оценува како недоволни краткорочните мерки за грчкиот долг, одобрени од министрите за финансии на земјите од еврозоната на вчерашниот состанок во Брисел, јави грчкиот весник „Имерисија“.
Претставник на Фондот за „Блумберг“ изјавил дека за грчкиот долг треба олеснување, но оти тоа треба да го направат европските партнери на Грција.
ММФ не се согласува со Брисел и околу високите примарни суфицити што ги бараат европските институции од Грција за после 2018 година.
– Се уште сме далеку од договор со Грција, изјавил претставникот и додал дека идеалната варијанта за грчкиот долг, според него, е тој да изнесува 1,5 отсто, а не 3,5 отсто од БДП, како што бараат европските институции.
„Блумберг“ ја пренесува и изјавата на портпаролот на ММФ кој рекол дека Фондот неосновано е обвинуван дека врши притисок за понатамошни рестрикции поврзани со Грција, во исто време кога други донесуваат одлуки за високи буџетски цели.
Еврогрупата вчера даде зелено светло за олеснување на грчкиот долг, со усвојување на мерки на краток рок, кои се однесуваат на технички подобрувања на каматните стапки и доспевањето на одредени долгови, соопшти Еврогрупата додавајќи дека овие мерки ќе имаат позитивно влијание врз одржливоста на грчкиот долг. Целта е грчкиот долг да биде намален на 20 отсто од БДП до 2060 година.
Државниот долг на Грција изнесува 316 милијарди евра и е речиси 180 проценти од БДП, и покрај трите меѓународни спасувачки програми на ЕУ и на ММФ, спроведени од 2010 година до сега.