Осоновното општинско училиште „Илинден“ од Крива Паланка активно се вклучи во Кампањата за здрави читачки навики со најмладите која е дел од проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“.
Кампањата предвидува да се споделуваат совети за тоа како може да им помогнеме на најмладите да изградат здрави навики и култура на читање и учење на официјалните Фејсбук страници на УСАИД Македонија и фондацијата „Чекор по чекор“. Изработена е и маскота „Доктор Читко“ кој е херој на кампањата.
– Доктор Читко редовно ќе споделува совети, идеи и ресурси за да ги поттикне родителите да читаат по 20 минути на ден со своите деца. Целта на кампањата е да се подигне свеста за важноста на почетната јазична и математичка писменост и да се поттикнат родителите и останатите членови од семејството на најмладите ученици редовно да читаат со своите деца во домот, информира Ана Димовска, координатор од „Чекор по чекор“.
Учениците и наставниците од ООУ „Илинден“ активно се вклучуваат во сите активности од кампањата за создавање читачки вештини кај децата која ќе трае до 25 месецов.
– Ќе опфатиме повеќе возрасти на ученици, почнувајќи од првоодделенците, и секој ден со нивно доаѓање на училиште ќе читаме по дваесетина минути некоја сликовница. Ќе формираме едно катче за читање каде ќе се собираме како заедница која ги поддржува активностите за создавање навика за посветеност на пишаната литература која ќе трае во текот на целиот живот, изјави Добри Јовевски, одделенски анставник во ООУ „Илинден“.
Потенцира дека планирано е и воспоставување комуникација со родителите, со цел да се практицира ваков вид активност и во кругот на семејството.
Во рамки на кампањата ќе биде отворен и повик за споделување фотограии и видеа од родителите додека читаат со своите деца, за што секој учесник ќе биде награден со сликовници и останати изненадувања.
Проектот на УСАИД „Со читање го лидерство“ го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, во соработка со Министерството за образование и наука и сите основни училишта во Република Македонија. Целта на проектот е да се проценат и подобрат јазичните и математичките вештини на учениците од почетните одделенија, да се унапредат педагошките вештини на наставниците и да се подигне свеста на целокупната јавност за важноста од овие почетни вештини неопходни за развој и успех на најмладите ученици.
Проектот подготви и „Библиотека на тркала“ која ги посетува училиштата и eлектронска библиотека со аудио-дигитални сликовници и активности достапни за целата јавност.