На 78-годишна возраст вчера во Загреб почина хрватскиот поет, книжевен теоретичар, есеист, преведеувач и виолинист, академик Анте Стамаќ. соопшти денеска Друштвото на хрватските писатели.
Стамаќ, кој важеше за „гигант на хрватската култура“, е роден на 9 октомври 1939 година на островот Молат. Гиманзија и средно музичко училиште завршил во Задар и Загреб. Во 1963 година дипломирал компаративна книжевност и англиски јазик на загрепскиот Филозофски факултет. Во периодот од 1963 до 1969 година студирал музикологија и историја на уметност во Љубљана и филозофија и германистика во Виена. Магистрирал во 1970 година со компаративен труд за творештвото на Тин Ујевиќ, а докторирал во 1978-та со дисертација за метафората.
Во текот на својот работен век бил виолинист во Операта при Хрватскиот народен театар, музички уредник на Студентскиот центар и асистент по теорија на книжевност на Филозовскиот факултет, каде потоа ги минува сите академски звања, доаѓајќи до титулата редовен професот и шеф на Катедрата по кроатистка. Во пензија заминува во 2004 година.
Во 2002 година е избран за редовен член на Хрватската академија за науки и уметности (ХАЗУ), каде од 2010 до 2014 година бил секретар на Одделот за книжевност.
Во текот на својата професорска кариера држел предавања на повеќе светски реномирани универзитети, а бил и претседател на Хрватското филолошко друштво и на Друштвото на хрватските писатели, како и потпретседател на Матица хрватска.
Стамаќ бил и уредник на магазините „Разлог“, „Телеграм“, „Умјетност рјечи“, „Кроатика“ и „Република“ и е автор на голем број книги од областа на науката за книжевноста, збирки поезија, есеи и многу преводи од странски автори.