Околу 26 илјади Британци кои преку интернет играат во некои од игрите на британската државна лотарија „многу е веројатно“ дека биле хакирани, соопшти денеска операторот на лотаријата „Камелот“.
Во соопштението се вели дека оваа фирма не верува оти бил „компромитиран“ нејзиниот лотариски систем, но смета дека биле ограбени играчите кои се логирале и ги давале своите податоци, во некоја од игрите.
„Камелот“ тврди дека не се земени парите што ги уплаќаат играчите.
– Откако фирмата изрази стравување за извршен хакерски напад, отворена е истрага, изјави претставник на спцијалната истражна комисија.
Британската телевизија „Скај“ јавува дека првите сомнежи се појавиле во неделата вечер, но овој медиум тврди дека со нападот се опфатени помала група од 9,5 милиони регистрирани лотариски играчи, кои на разните игри на среќа учествуваат преку интернет.
Фирмата „Камелот“ соопшти дека ги контактира сите играчи и од нив бара веднаш да ги сменат своите пасворди.
Експерти објаснуваат дека еден логин украден од една платформа, се појавил во друга, што било знак за покренување тревога..
Тие ги советуваат играчите и воопшто корисниците на интернет при плаќање и нарачување, сега да измислуваат лозинки со небитни зборови, кои немаат значење и кои ги нема во речниците.
Во изминатите недели, Британија се соочи со три хакерски упади врз „обични корисници“.
Прво, во фирма која врши испорака на стоки по домовите на лугето, врз играчите на „Сони-плеј стејшен“ мрежата, како и врз сметките на потрошувачите од банката на компанијата „Теско“ која има синџир од самопислуги низ Британија.
Од нивните сметки беа украдени 2,5 милиони фунти, што банката на „Теско“ соопшти дека ќе им ги врати парите на сите оштетени.