Носителот на кандидатската листа за пратеници на ДУИ во Изборна единица 5 Агим Шаќири денеска од Пресека најави инфраструктурно поврзување со Косово и Албанија.
Како што рече, системот на автопати во кичевската и струшката зона кој ќе ги поврзе Косово, Западна Македонија и Албанија останува приоритет на ДУИ.
Според Шаќири, проектот вреден 375 милиони евра не само што ќе ги поврзе Албанците, туку и ќе ја подобри економијата во регионот, ќе биде во полза не само на вработувањата и на бизнисите во регионот, туку и за поттикнување на привлекување други странски инвестиции.
– Невозможно е да говориме за економска рамноправност во Македонија, доколку не ја поврземе со регионот. Македонија има прекрасни услови за да биде точка на севкупното поврзување на Балканот. Центар на комуникација низ кој ќе поминуваат бизнисите од цел регион изјави Шаќири, додавајќи дека компаниите од Струга и Кичево ќе имаат подобар и полесен пристап до поширокиот пазар во Македонија, но и големи придобивки од инфраструктурното поврзување со Албанија.
Тој ги подвлече можностите што ќе ги создаде овој автопат и за странските инвестиции, сега веќе функционални во регионот, како оние во економската зона во Струга, ODV Elektrir и Kostall, инвестиции од десетици милиони евра, кои овозможуваат илјадници работни места.
– Проектот на автопатот Кичево – Струга има големо значење зашто се надоврзува на приоритетите на ДУИ меѓу кои ветувањата за работно место за секое семејство, висок животен стандард, еднакви економски услови за Албанците, како и поврзување на сите територии населени со Албанци, внатре и надвор од границите на Македонија, подвлече Шаќири.
Должината на предвидениот систем автопати е 57 километри. Трасата продолжува во секцијата Струга – Требеништа, со должина од 8,5 километри, со вкупен износ од 45 милиони евра , а треба да почне со реализација следната година. Потоа, трасата продолжува до граница со Албанија, што претставува дел од планот за заокружување на инфраструктурното поврзување на регионот.
Како што беше нагласено во изјавата за медиумите, следните четири години ќе почне реализацијата на трасата Гостивар – Кичево, односно пробивање на тунелот на превојот Стража што моментно претставува најтесно грло во целата секција на Коридорот 8. Наведениот проект е во фаза на финално планирање и се очекува набрзо да влезе целосно во постапка на реализација.