„Денеска сум во кампања во мојата Струмица, заедно се со мене кандидатите за пратеници, а во поддршка се сите овие прекрасни луѓе коишто веруваат во подобар живот, во нашата Македонија.
Ги поминавме трите пазари, кванташкиот, пазарот Чешел, Глобал, поминавме дел од дуќанџиите во чаршијата. Тоа што можеме да го констатираме насекаде во Македонија е присутно, а исто така и овде, народот наш нема пари.
Еден дел од народот е заминат и е со тоа намалена потрошувачката моќ, а тој дел што е останат овде, нашиот народ е навистина во тешка сиромаштија. Пазарџиите се жалат дека тешко се продаваат производите, а оние што ги сретнавме по пазарите навистина, со оние скудни средства што ги имаат, само неопходното го купуваат за своите домаќинства.
Сите знаеме дека работите мораме да ги промениме. Она што е многу важно за овој мој регион – струмичкиот е еден од најголемите земјоделски региони, вербата дека ако земјоделецот има пари, има среќен живот, ни живеат и градовите.
Навистина никогаш потешко земјоделецот не живеел од самостојноста во Македонија. Оваа година беше посебно тешка за земјоделците. Ниту пролетното, ниту есенското производство не се продаде по добри цени со којшто може да кажат дека земјоделците ќе ја поминат добро зимата.
Надежта е вперена во промените! Јас сум уверен и убеден дека со новите политики, од Планот за живот во Македонија, работите можеме да ги промениме. Она за кое што ќе посветиме најголемо внимание е да обезбедиме пласман на земјоделските производи и тоа да биде, секако, по достоинствени цени. Главна задача на идната централна власт ќе биде да ги отвори новите пазари, да створи конкуренција, натпревар помеѓу откупувачите овде, кој повеќе ќе го плати земјоделското производство, тој да може да го купи. Тоа е едно од најсериозните барања на земјоделците и тоа се очекува од идната влада да биде направено.
Субвенциите ќе растат, годишно ќе помагаме со 160 милиони евра субвенции, но тие ќе стигнат навремено и тогаш кога навистина им требаат на земјоделците, кога прават најголеми трошоци за подготовка, сеидба или она што значи организирање на земјоделското производство. За четиригодишен мандат тоа се 640 милиони евра, но тоа е само помош.
При тоа ќе интервенираме со намалување на севкупните трошоци во земјоделското производство. Како намалување на давачките околу препаратите, околу вештачките ѓубрива, околу она што значи репроматеријали за земјоделско производство. Ќе ја воведеме зелената нафта, којашто за 50 проценти ги намалува севкупните трошоци за нафтата, бензините коишто се користат за наводнување, за трактори, за механизација на земјоделието.
Конечна цел ќе ни биде да останат пари плус во земјоделците. Овој регион како и други земјоделски региони во Македонија, навистина се она коешто е голема наша предност, производството на храна, препознатлива насекаде по светот, еколошки здрава храна, а изјавата ја давам токму од населеното место Куклиш.
Би можел да кажам дека овде се едни од најголемите работници што ги познавам ширум Македонија, а јас ја шетам цела Македонија. Ова куклишко поле е полно со пластеници, интензивно земјоделско производство. Луѓето велат, претседателе, господине Заев, ние сме спремни да го поминеме и денот и ноќта во пластениците, да произведеме уште повеќе, уште поквалитетно, само ако се плати по достоинствени цени.
Јас сум убеден дека доаѓаат добри времиња за земјоделството во Македонија, сум човек кој што потекнува од земјоделието и верувам дека конечно ќе ја вратиме среќата и насмевката кај земјоделците“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ и носител на кандидатската листа во ИЕ 4.