Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва од Гостивар испрати порака до сите граѓани на Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други:
“Ви се колнам ќе стојам зад секој од вас без разлика на каква било различност. Аманетот од нашите претци заедно ќе го оствариме. Аманет имаме, тие заедно живееле. Во единството е силата. Гостивар вечерва испраќа историска порака, заедно ќе ја градиме оваа наша мајковина и татковина. Целиот свет на модерна Европа живее со различности и се развива. Што ни недостига нас, без памет сме?! Заради интереси оваа власт го дели народот, не знаат да одговорат на потребите на граѓаните, затоа сакаат поделби. До кога ќе дозволуваме?, рече претседателот Заев.
“Едниот пред избори се претвора во Александар Македонски, другиот во Скендер Бег. Едниот бара 63 пратеници, другиот сака да е главен во Парламентот. Каде е народот тука? Каде е народот? За народот има избори, не за нив! 10 години живот украдоа на граѓаните”, рече меѓу другото претседателот Заев.
Претседателот на СДСМ, Заев, во Гостивар го објасни Планот за живот во Македонија на СДСМ и коалицијата и ги повика граѓаните да заокружат 4 на 11 декември и да обезбедат живот за децата и за себе во единствена Република Македонија.