Научна расправа за судско одмерување на казните

Од:

Улогата на судот во одмерувањето на видот и висината на казната и практичната примена на алтернативните мерки и новиот Закон за пробација се теми на денешната научно-стручна расправа „Судско одмерување на казните и практична примена на алтернативните мерки во македонското законодавство“, во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ) во соработка со Здружението на судии и Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).

Претседателот на ЗКПКМ, Трпе Стојановски, рече дека конференцијата е посветена на актуелни прашања поврзани со работата на институциите од областа на правдата.

–    Ќе се обидеме одредени решенија поврзани со одмерување на казната и алтернативниет мерки, а кои беа вградени во казненото законодавство на Македонија да видиме како функционираат. Покрај професори од академските институции има и судии од релевантни судови во Македонија, од Јавното обвинителство, од адвокатурата и тоа е одлична можност да ги споредиме сознанијата и искуствата од праксата како тие функционираат или не функционираат, рече Стојановски.

Посочи дека со партнерите од Германија ќе се обидат преку компаративни согледувања да видат како функционираат некои од тие механизми во земјите од ЕУ и соседството.

Регионалниот проектен раководител на ИРЗ за ЈИЕ Штефан Пирнер, рече дека денешната средба е важна бидејќи на неа ќе се разговара меѓу науката и практичарите за состојбата со праксата за примена на кривичното право, особено во сегментот на одредување на алтернативните кривични санкции и ќе се направи споредба на правната анализа меѓу Германија и Македонија.

–    Темата е од особена важност не само за областа на кривичното право, туку и за општеството. Граѓаните го оценуваат квалитетот на судството, дури и на целокупната држава, врз основа на работата на кривичните судови. Целта на казната не смее да биде одмаздата и осветата, туку реинтеграција во општеството, рече Пирнер.

Посочи дека тоа наметнува голема одговорност на судиите, но и дека бара голема доверба од нив.

Претседател на Здружението на судии на Македонија, Џемали Саити рече дека особено е важно што на еден ваков научно стручен собир ќе се дебатира за имплементацијата на Законот за одредување и одмерување на казни и напорите од судиите за прилагодување кон таквите одредби.

Германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер посочи дека конференција ја има за тема соработката меѓу Германија и Македонија во областа на правосудството.

– За три недели ќе се случат изборите во Македонија, тоа е многу битен настан. Многу е битно овој процес да протече фер, да биде регуларен и добро да заврши. На 11 декември ќе бидат изборите, а битно е и чекорите што потоа ќе се преземат, тоа се реформите, меѓутоа голем број од реформите се однесуваат на темата на оваа конференција – правосудството, рече Алтхаузер.

На новинарско прашање за работата на СЈО, Алтхаузер рече дека работата на СЈО е мошне битна. – Четирите партии со Пржинскиот договор се договорија да постои оваа институција и Комисијата на ЕУ донесе одлука за поддршка на СЈО, рече Алтхаузер.

По завршувањето на расправата, со цел подигнување на свеста кај експертската јавност во однос на овие прашања, препораките и предлозите од конференцијата ќе биде вклучени во следниот број од Македонската ревија за казнено право и криминологија.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО