Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот во Ресен вечерва истакна дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ содржи над 500 страници на конкретни проекти, мерки и чекори кои се однесуваат на отворање на можности и помагање на граѓаните.
– До крајот на 2020 година ќе ја намалиме стапката на невработеност од сегашните 24% на 17-18 отсто отворање на нови 70.000 нови работни места во Македонија. Тоа е нашето ветување за наредните 4 години.Докажавме дека знаеме и можеме да го правиме тоа. Ќе ги зголемиме платите во јавниот сектор за 10,25 отсто и пензиите за 10,25 отсто. Социјалната помош на оние на кои најмногу им треба ќе ја зголемиме за 50 отсто, минималната плата до 2020 година постепно ќе расте и ќе достигне 14.000 денари, а во текстилната и кожарската индустрија постепено ќе се зголемува до 13.500 денари – рече Груевски.
Тој посочи дека со цел да се креираат на нови работни места во програмата е предвиден и проект за Рурални развојни зони, во населени места кои се на листата на рурални подрачја, а детално наведени во нашата програма.
– Од инвеститорите ќе се бара минимум 80 отсто од вработувањата да бидат нови вработувања. Во овие зони инвеститорите ќе имаат услови слични, но и повисоки од оние во слободните економски зони, меѓу кои и ослободување од данок на добивка и персонален данок за вработените за период од 10 години, ослободување од царина и ДДВ за увезената опрема за инвестицијата, подетално опишано во нашата програма РЕАЛНО – рече Груевски.
Антонио Милошоски, носител на листата во Изборната единица 5 рече дека ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за подобра Македонија“ градат за секого и помагаат на секого.
-ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за подобра Македонија“ градат за секого и помагаат на секого. Ние до сега бевме владеачка опција, ќе бидеме и после 11-ти декември, затоа да си помогниме и себе си, сите со пријатели, роднини и комшии да излеземе на гласање, да имаме убедлива победа, да имаме добра позиција и да можеме да си помагаме на сите наши луѓе и после овие избори – рече Милошоски.