Горан Стаменковски, вработен во Основен суд Скопје 1, преку соопштение кажува дека вербално се расправал со портпаролката на судот.
Горан Стаменковски, раководител во секторот за човечки ресурси во Основниот суд Скопје 1 ја демантира верзијата на настанот на претседателот на Судот Владимир Панчевски.
„Претседателот на Судот почна да ги повикува сите што го потпишаа укажувањето и да им се заканува дека уште ќе им ја зголемел нормата и оти ќе ги прател во Одделот за прекршоци. Тоа резултираше со емотивни реакции на службениците, кои од неговиот кабинет излегуваа расплакани, вознемирени и револтирани“, наведува Стаменовски.
Ова се случувало во текот на вчерашниот ден, после информацијата дека 15 судии со петиција се обратија до Судскиот совет за да побараат Панчевски да не го злоупотребува, како што велат, официјалниот веб сајт на Судот за приватни тужби и контратужби со нивен колега, судијата Иван Џолев.
„Дента кога тоа се случуваше, јас отидов во мојата претходна канцеларија за да си земам некои лични работи. Во канцеларијата беше судијата Славјанка Јанковска и привилегираната портпаролка Паула. Вознемирен од сѐ што се случуваше дента, побарав со повисок тон од Паула да се потргне од местото кај што седеше, за да можам да си ги земам работите. Со неа, а ни со судијата Јанковска не разговарам подолго време, па ме збуни нејзината реакција, бидејќи ми се обрати дрско и провокативно. Јас сето тоа го игнорирав и си излегов од канцеларијата“, пишува Стаменковски .
Подоцна, вели Стаменковски, бил известен дека против него имало пријава во полиција, за која, според него, особено се заложил претседателот Панчевски, за кого разбрал “дека се јавувал и молел во обвинителството и во полицијата случајот да се издигне на ниво на кривично дело“.