Дополнителиот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска уште еднаш го потврди своето скандалозно однесување, давајќи нова театрална изјава за сопствена лична промоција, реагира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по денешната прес-конференција на Николовски.
МЗШВ го прашува Николовски дали јавните набавки треба да ги спроведува според законските одредби за најповолна понуда или со субјективна селекција на компаниите.
– Со факти ќе ја информираме јавноста дека сето тоа што беше кажано од Николовски нема врска со вистината и ќе потсетиме дека активностите за реализација на градбата на брана Речани се почнати од 2013 година, наведува Министерството.
Според МЗШВ, Владата во 2013 година го задолжи Министерството за земјоделство да го објави тендерот за изградба на пристапен пат до браната на Оризарска река, а во 2014-та да достави информација за прогрес на проектот. Изградбата е ставена и во 10-годишниот План на Владата за инвестирање во водостопанската инфраструктура за период 2015-2025 година.
МЗШВ, како што наведува, редовно доставува информации до Владата која на 25 февруари лани го задолжи Министерството да ги преземе сите активности во насока на објавување оглас за изградба на брана, а во април 2015 година со донесувањето на Планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура, го прифати и го одобри инвестирањето на овој проект за периодот 2015 – 2020 година.
– Со оглед дека огласот беше одобрен во декември 2015 година, Министерството побара дополнително одобрение за повеќегодишното финансирање поради репрограмирање на финансиските средства, согласно одобрениот план за инвестирање 2015-2020 за периодот 2016-2020 година. Постапката за избор на најповолен изведувач се одвиваше во две фази. Во првата, на предквалификација, се јавија седум компании (3 домашни и 4 странски) од кои пет ги задоволуваа техничките услови, но во втората фаза понуди доставија три компании и тоа: Гранит, Трансмет – Силекс и Бетон – Скопје и учествуваа на електронската аукција. На електронската аукција најниска цена беше доставена од Трансмет – Силекс, информира МЗШВ и додава дека минатата недела изминал рокот за жалба во кој ниту една компанија не достави жалба.