Македонската кошаркарска федерација се согласи да има еднонеделно пролонгирање на стартот на домашниот шампионат, но клубовите се задолжуваат навремено да дадат термин за одигрување на натпреварите и да ги помират финансиските услови.
По неколкуте одложувања на стартот на новата сезона до домашното кошаркарско првенство, конечно, на повидок е разрешување на дел од несогласувањата на релација МКФ – членки на Првата лига.
Имено, МКФ прифати дел од барањата на прволигашите за пролонгирање на стартот на првенството на уште една седмица, но дотогаш клубовите ќе треба да ги подмират сите обврски кон федерацијата.
Во МКФ се расположени првенството да започне на 19. ноември, но за тоа бараат одредени финансиски предуслови.
– Во интерес на кошаркарскиот спорт и љубителите на кошарката во Република Македонија, се одложува почетокот на натпреварите од првото коло за 19 ноември 2016 година.
Но, клубовите се задолжуваат:
– навремено да дадат термин за одигрување на натпреварите.
– да ги подмират финансиските услови и тоа: заостанати долгови од минати сезони, котизација од 50% за учество во лига, најдоцна до 18. ноември 2016 година, согласно актите и одлуките на телата на МКФ.
– дел од фактура за лиценца на странски играчи во износ од 15.500 денари (по играч), да се плати најдоцна до 18.ноември 2016 година, а остатокот од фактурата да се плати најдоцна до 16. декември, 2016 година.
– да ја завршат регистрацијата на играчите согласно Регистрацискиот правилник на МКФ
– да ја завршат регистрацијата на тренерите и на службените лица согласно со актите на МКФ.
Доколку се согласни со предлогот за решавање на настанатата ситуација, МКФ бара од клубовите прволигаши да ги известат и да потврдат како би можело да се свика седница на Управниот одбор на кој би се донела одлука за усогласување на почетокот на првенството и начинот на исплата на финансиските обврски.
Доколку пак овој предлог на МКФ не е прифатлив за Прволигашите, тогаш, раководството на федерацијата нема да одржи седница на УО на МКФ, и сите одлуки претходно донесени на УО остануваат на сила.
Претходно, на состанокот на Управниот одбор на МКФ, одржан на 8. ноември, беше донесен заклучок, натпреварите од Прва лига-мажи, согласно сите акти на федерацијата да започнат на 12. ноември.
Поради краткото време за средување на финансиската состојба, клубовите се задолжуваат до второто коло, односно до 18. ноември, да ги подмират сите финансиски долгови спрема МКФ, вклучувајќи котизација за сезона 2016/2017.
Исто така, клубовите требаше да ја извршат и регистрацијата на играчите согласно Регистрацискиот правилник, се вели во соопштението на МКФ кое во попладневните часови беше презентирано во јавноста.