Лицата со посебни потреби добија можност да се рекреираат и да вежбаат на справи и реквизити на бесплатни часови, под стручен надзор, во средните училишта на Град Скопје „Михајло Пупин“ и „Здравко Цветковски“.
Од Град Скопје соопштија дека првпат годинава успеале да набават реквизити и справи за лица со посебни потреби коишто се инсталирани во салите на две средни училишта на Град Скопје „Михајло Пупин“ и „Здравко Цветковски“, каде што два дена во неделата лицата со посебни потреби ќе можат да доаѓаат и да се рекреираат и да се дружат.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски рече дека за набавка на справите издвоиле 1,5 милиони денари.
– Обезбедивме и инструктори, односно овие часови ќе се одвиваат под стручен надзор на стручни лица коишто ги плаќаме околу 300.000 денари. Исто така, има лица од Црвен крст доколку некој се повреди или има потреба да му се укаже лекарска помош. Мислам дека ова е една многу важна работа со оглед на тоа што сакаме да им помогнеме на лицата со посебни потреби што повеќе да се социјализираат и да се дружат. Во разговор со нив стекнав впечаток дека се задоволни што се дојдени овде и што имааат можност да вежбаат и да се дружат, рече Трајановски.
Посочи дека Градот Скопје и во наредната година ќе инвестира во набавка на дополнителни справи и за таа цел во Буџетот за наредната година веќе се предвидени средства.
– За набавката на новите справи веќе сме во преговори со председателите на здруженијата на лицата со посебни потреби. Исто така, ќе го приспособиме и автобускиот превоз за нивните потреби, додаде градоначлникот Трајновски.