Мексиканската влада е подготвена за разговори околу Северноамериканската спогодба за слободна трговија (НАФТА), со новиот претседател на САД Доналд Трамп, изјави денеска мексиканскиот министер за економија Илдефонсо Гуахардо.
Во изјава за домашните медиуми, министерот рече дека владата во Мексико Сити „би можела да се обиде да го објасни стратешкото значење на спогодбата НАФТА, но дека не би прифатила одново да преговара“.
Претходно и канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека Канада е „отворена да разговара“ за НАФТА.
Спогодбата за слободна трговија, која ја имаат потпишано трите северноамериканаки држави- САД, Канада и Мексико, стапи во сила во 1994 година, во времето кога Бил Клинтон беше американки претседател.
Новоизбраниот претседател Трамп, во текот на предизборната кампања, остро ја критикуваше НАФТА, нарекувајќи ја „најлошиот трговски договор, што САД кога било досега го имаат потпишано“.
Трамп во кампањата се залагаше за остри протекционистички мерки и во САД се верува дека токму тоа му помогна да ги добие гласовите во оние сојузни држави, каде порано имало производни капацитети, што биле затворени како последица на глобализацијата.
Мексико и Канада стравуваат дека со Трамп како претседател, може да им биде затворен пристапот до големиот пазар во САД, од кого двете земји економски многу зависат.
Мексиканската валута пезо, доживеа најголем пад по финансиската криза, по изборот на Трамп за претседател. Во текот на кампањата тој се закануваше дека ќе ги протера мексиканските мигранти во САД и ќе изгради ѕид долж американско-мексиканската граница.