Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и општините од полошкиот регион денеска потпишаа барање за отворање на царинскиот терминал на граничниот премин во село Јажинце.
Оваа иницијатива на Комората, чија цел е поголема конкурентност на компаниите не само во Македонија, туку и во регионот, ја поздравија и министерот за локална самоуправа Ширете Елези, како и амбасадорот на Република Косово Илбер Хиса кои присуствуваа на средбата.
– Во полошкиот регион се официјално регистрирани околу 11.000 правни субјекти кои директно или индиректно се засегнати од добивањето услуги на царинскиот терминал. Учеството на компаниите од полошкиот регион во БДП е на ниво од 6,3 отсто или анализираните 1.567 компании имаа годишен обрт од над 550 милиони евра и вработуваат повеќе од 11.500 луѓе, информира СКСЗМ, образложувајќи ги причините поради кои бара отворање на терминалот.
На повеќето компании од овој регион, додава Комората во соопштението, Косово им е една од позначајните извозни дестинации, а тоа го покажуваат и статистичките податоци. Неколку години наназад Македонија со Косово има суфицит во трговијата, односно многу повеќе извезуваме отколку што увезуваме, а соодносот е главно во корист на нашите компании.
– За поголемо стимулирање и поддршка на претпријатијата, особено оние кои се извозно ориентирани, СКСЗМ континуирано презема мерки за олеснување на царинските постапки и е постојано во контакт со бизнис заедницата и Царинската управа за да ги спроведе неопходните реформи, рече претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа.
На средбата беше презентиран регионалниот пат село Непроштено – Слободна економска зона, како јавно-приватно партнерство.