Ветераниоте на македонската кошарка преку соопштение до јавноста го искажаа својот став за ситуацијата во која се наоѓа мак-баскетот. Тие во отвореното писмо побараа што е можно побрзо да започне првенството и да се решат проблемите.
Ви го пренесуваме писмото во целост:
“Вратете ни го кошаркарскиот чалам“
Загрижени сме и згрозени од моментните случувања во спортот на нашата младост. Во спортот во кој го оставивме нашето срце, кој не зароби за секогаш. Камче по камче го градевме мозаикот во 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век, за да достигнеме одередени цели израмнувајќи се со другите клубови од поранешна Југославија. Тоа беше период кога во европа, најквалитетната клубска кошарка се играше токму на ова тло. Тоа го признаваше и ФИБА. Игравме на отворено, по дожд, по пеколно сонце, доколку некој имаше “шангајки“ беше “манга“, аа ако некој успееше да купи пони велосипед, беше главен фраер на Скопското корзо.
Игравме без пари, но имавме цел. Макотрпно ја реализиравме кога покрај успесите во Југо лигата доспеавме и до полуфиналето на Европскиот КПК. Нешто подоцна МЗТ имаше сличчеен успех совладувајќи го големиот Реал, потоа УЛМ……. резултати кои и ден денеска се прераскажуваат. Во Европските купови, настапуваа и многу други екипи од Македонија: Кочани Деликатес, Струмица, Куманово,…..Македонија имаше свои репрезентативци, олимпијци, носители на трофеи од највисоките натпреварувања, како во играчкиот кадар, така и во тренерскиот
Што имаме денес !!!
Срамни настапи на меѓународната сцена, како на репрезентативно ниво и тоа во сите кактегории, така и клубско кое служи за потсмев и иронизирање кај домашната јавност, но исто така и кај клубовите каде што настапуваме. Замислете такви бедни резултати се остваруваат со осум или девет странски играчи, а да потсетиме КК Работнички и КК МЗТ Скопје, меѓународните одлични резултати ги реализираа со домашни кошаркари. Затоа се прашуваме дали покритието со странци е заради спортски резултати или финансиски профити. Клубовите се вадат “дека немаме играчи“.
А како да се создадат, ако тие седат на клупа или воопшто ги нема во составот на екипата. Се чудиме на репрезентативното фијаско. Тоа ќе биде уште поголемо доколку клубовите не сватат дека треба да создаваат сопствен играчки кадар. Кога се игра за свој клуб се игра со срце, со желба за успех. Странците ги “бркаат“ само парите и статистиката која им е неопходна за натамошно продавање.
Што е со домашното првенство ???
Не можеме да сватиме дека првенството се уште не започнало. Баскетот треба да се тркала по спортските сали, а не да се седи во бирократски простории и да се состаночи без ефект. За жал, и кога се игра кошарката салите се празни, одвај се исполнуваат два реда од одличните амбиенти во двете најголеми сали во Скопје, но исто така во оние во Кавадарци, Гевгелија, Струмица…. Тоа е затоа што странци трчаат по нашите паркети, а публиката сака да гледа домашни млади надежни играчи.
Се прашуваме, како е можно два-три клуба кои ја диктираат целата игра да бидат над Федерацијата и да повлечат уште неколку клубови кои слепо, без да расмислуваат за сегашноста и и иднината на кошаркарскиот спорт ги слушаат предводниците. МКФ, како и сите други спортски асоцијации, работи според актите што ги носат самите клубови. Токму затоа тие мора да се почитуваат, за да не доаѓа до хаос каков што го има во моментов. Не е проблемот дали ќе се оддржи вонредно собрание, дали ќе биде сменет председателот и УО, туку дали потоа на предводниците на оваа идеја, повторно нешто нема да им пречи, барајќи нови аргументи за сопствените неуспеси и за паѓањето во амбис на Македонската кошарка.Затоа баталете собрание, засукајте ги ракавите…. и право на терен. Се што имате како недоразбирање може да се решава во од. Доколку и натаму клубовите инсистираат на недокажани странски играчи, за нив се разбира треба и да се плати. МКФ и нивната идеја на овој план ја разбираме само како заштита на домашните кошаркари. Тоа всушност го прават и сите држави во нашето опкружување па и Европа. Во домашните првенства со закон е регулирано да играат, двајца – тројца странци, а на меѓународни настапи доколку клубот има пари нека игра и со 12 странци.
Не зачудува индиферентниот однос на здружението на кошаркари на Макдеонија. Се јавија со едно кусо соопштение, без потоа да превземат конкретни чекори. За решавање на проблемот кој најмногу нив ги засега, мора да бидат порешителни, порадикални што значи и да откажат послушност, т.е. да се изборат за своето право да играат за Македонија.
Никој нема право да се стави над кошарката и спортот воопшто. Тој е во интерес на сите граѓани на Македонија, тоа е благослов за младите генерации, задоволство за навивачите, празник за душата. Сето ова ни е украдено од несовесноста и болните амбиции на мал број луѓе кои наводно финансираат во екипите.
Може уште многу да зборуваме, но тука ќе завршиме со апел до сите инволвирани страни да седнат и низ дијалог да ја разрешат настанатата ситуација. Не браниме никого, ниту го земаме во заштита, едноставно сакаме да гледаме кошарка, да поче да се игра уште денес. Утре ќе биде веќе доцна.
Вратете ни го чаламот на спортот кој некогаш беше наша гордост, но и гордост на цела Македонија.
Ветерани на Македонскиот Кошаркарски Спорт: Лазар Лечиќ, Рики Ѓорчевски, Владимир Боцевски, Александар Књазев, Предраг Лажетиќ, Благоја Георгиевски – Буштур, Стерули Андоновски, Јанко Луковски, Митко Луковски, Мирче Гавровски, Драган Радосављевиќ, Огњан Герасимовски, Стеван Гешовски, Зоре Темелковски, Васил Кафеџиски, Бранко Кацарски, Борче Серафимовски, Драган Стојковиќ Фацко, Трајко Кираџиски.