„Создаваме услови за живот во Македонија. Имаме план за живот во Македонија. Граѓаните да имаат квалитетен живот, како и сите граѓани во Европа, бидејќи Вие, ние граѓаните тоа го заслужуваме, а го заслужува и Република Македонија.
Тоа ќе го обезбедиме заедно со граѓаните на Македонија, на фер, регуларни и демократски избори кои што мора да се случат во Македонија и ќе се случат!
За ова разговарав со моите денешни гости, почитуваната Тања Фајон, пратеник во Европскиот парламент и заменик претседателка на групата на Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, како и европскиот пратеник Кнут Флекенштајн со кого се сретнав и како известувач за Македонија во Европскиот парламент.
Младите ни заминуваат од државата по Европа, по светот поради тоа што немаат работа, знаат и нашите гости кој што се денеска овде присутни, бидејќи немаат егзистенција тие млади и не гледаат иднина тука.
Е тоа е нашиот клучен предизвик како совесни граѓани на оваа земја. Мора да има промени, плаче Македонија за промени. Ова е моментот заедно да создадеме сегашност и иднина за нас, за нашите деца и за државата.
Во овој многу важен историски процес, кога се бориме да ги обновиме демократските институции, да ги поставиме на здрави темели разрушените темели на државата по сите основи, економијата, здравството, образованието, демократијата, правдата, од врвно значење е Македонија да добие демократска и легитимно избрана Влада.
Нашите пријатели од Европа ги поддржуваат заложбите за една нова, светла, перспективна иднина на Македонија, за што сум многу благодарен и искажувам благодарност до Вас госпоѓо Фајон, и во името на граѓаните на Македонија и секако да си посакаме уште пообединето да се фокусираме кон заедничката цел.
Нашата цел е животот за граѓаните на Македонија да биде добар. На чекор сме до таа цел, останаа уште 37 дена до токму тој датум 11-ти декември“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.