Сопатничката на Диме Спасов, вработена во ЕЛЕМ и член на Униката на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, синоќа по трет пат отишла во полицијата и по трет пат ја сменила изјавата. Првиот пат таа кажала дека не биле нападнати од никого, и дека Диме Спасов го возел Таурегот. Откако се појави вработен во Министерствто за труд и социјална политика кој тврдеше дека тој го возел џипот, таа во саботата отишла во полицијата и дала изјава дека Туарегот не го возел Диме Спасов, туку вработениот во министерството кој сам се пријавил.
Откако вчера, Диме Спасов во интервју кажа дека тој го возел Туарегот, сопственост на Агенцијата за вработување, и откако се појавија снимките на кои се гледа дека заменикот министер го управува возилото, неговата сопатничка повторно отишла во полициска станица да ја смени изјавата. Овој пат, кажала дека Туарегот сепак го возел Диме Спасов и дека биле нападнати.
Освен неа, во полициска станица отишол и вработениот во Министерството за труд и социјална политика кој вечерта кога се случи инцидентот даде изјава дека тој го возел Туарегот. Вчера, тој кажал дека не го возел џипот. И двајцата контрадикторните изјави ги правдале со стрес.