Четири иницијативи за формирање на Локални акциски групи креирани во согласност со ЕУ ЛЕАДЕР пристапот ќе бидат денеска промовирани во рамки на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени.
Овие приватни – јавни партнерства опфаќаат партнери од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во 17 општини од Источниот и Југоисточниот регион.
Обраќања на настанот ќе имаат Директорот на мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн, Директорот на Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени Петар Ѓоргиевски, претставници на Источниот и Југоисточниот плански регион и четирите иницијативи за локални акциски групи.
Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени спроведуван од Мрежата за рурален развој на Република Македонија работи на промоција на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот како една од новите мерки кои ќе се презентираат во ИПАРД II програмата за периодот 2014-2020.
Препознавајќи ја потребата за промоција на ЕУ ЛЕАДЕР методологијата кај чинителите во руралните средини, Мрежата за рурален развој спроведе сеопфатна програма за градење на капацитетите во согласност со карактеристиките на ЛЕАДЕР пристапот, кај руралните актери во Источниот и Југоисточниот плански регион. Активностите беа имплементирани во 21 општина во овие региони, вклучувајќи претставници на јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот. Како крајна фаза во овој процес, беа иницирани локални акциски групи Беласица – Огражден, Бојмија, Плачковица, Брегалница и Малеш – Пијанец.