Четврта светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

Од:

Четвртата по ред светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог почнува денеска во Битола, во рамки на Глобалната агенда на Обединетите нации и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и Декадата на УНЕСКО за помирување на културите. Ќе учествуваат повеќе од 150 претставници од сите светски религии, невладини организации, професори и експерти од целиот свет.

Централна тема на конференцијата годинава е „Миграцијата и предизвикот на интеграцијата преку дијалог помеѓу религиите и културите“, а поттеми се „Семејството – извор и простор за градење и чување на достоинството на човекот и место за раст во верата“ и „Употребата и злоупотребата на современите начини за електронска комуникација и на социјалните мрежи (религиски поглед)“.

На отворањето на конференцијата ќе се обратат претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, г. Петар, бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско- методистичката црква за Македонија, Вилфред Науснер и претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо Николиќ.

Во рамки на конференцијата ќе се одржи Форум на катедрите на УНЕСКО од Југоисточна Европа насловен „Погледите на Катедрите на УНЕСКО од ЈИЕ кон миграциите, бегалските кризи и тероризмот како предизвици за интеркултурниот и меѓурелигискиот дијалог”.

Со посебни активности, беседа на г. Петар, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и новозеландски, ќе биде одбележан и јубилејот „1100 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител Св. Климент Охридски“, а ќе биде отворена и изложбата „Мајка Тереза – светица од Скопје, светица на светот“, која беше претставена и во Рим, по повод одбележувањето на канонизацијата на Мајка Тереза.

Ќе биде промовирана и публикацијата од Третата светска верска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која се одржа во Скопје, во 2013 година, која ќе им биде подарена на гостите, а во која се содржани обраќањата на еминетните светски верски лидери, државници и професори кои учествуваа на конференцијата.

Конференцијата ќе заврши со избор на Меѓународен организациски комитет за Петтата светска конференција и со заедничко усвојување Нацрт-декларација.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Татко од Битола секојдневно си ги тепал и ги малтретирал децата

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Битолчанец киднапирал 24-годишна жена и ја тепал