Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром испуштија победа во дуелот од 4. коло од групата А од Еврокупот на гостувањето во Русија кај екипата на Нижни Новгород. Домаќинот славеше триумф со 88:74 по продолжение. Ова за македонскиот првак е трет пораз во ова натпреварување.
Резултат по четвртини: 17:20; 20:15; 14:25; 19:9 и 18:4 (продолжение).
По почетното водство на домашниот тим од 14:5, македонскиот првак направи серија од 14:1 и го презеде водството. На полувремето Нижни Новгород имаше минимална предност (37:35), која во третиот период МЗТ Скопје успеа да ја претвори во водство.
Добрата игра избраниците на тренерот Александар Јончевски ја продолжија и во првите минути од последната четвртина, кога во 34 минута имаа и највисоко водство од 68:57. Но, до крајот на регуларните 40 минути постигнаа само два поена од слободни фрлања и не го реализираа последниот напад. Тоа го искористи руската екипа која се избори за продолжение во кое доминираше и сигна до втората победа во групата.
Најефикасни со по 18 поени беа: Иван Стребков и Кенет Бојтон од Нижни Новгород и Ксавиер Тејмс од МЗТ Скопје.
Табела: Гран Канарија 2-0 (победи-порази), Лиеткабелис 2-1, Нижни Новгород 2-1, Цедевита 1-1, МЗТ Скопје 0-3.
Следниот натпревар МЗТ Скопје го игра на 9.ноември на домашен терен со Гран Канарија.