Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска соопшти дека поднел кривична пријава против службено лице во ресорното Министерство кое, согласно ревизорскиот извештај, постапувало спротивно на законите со што му нанело штета на државниот буџет и ги повредило правата на закупците.
– Во ревизорскиот извештај за 2013-2015 година е констатирано дека врз основа на објавени повеќе огласи за давање земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, за површините што се објавуваат во јавните огласи за давање под закуп и кои се утврдуваат врз основа на распложливите катастарски податоци содржани во имотните листови од Агенцијата за катастар, не се извршило увид на лице место за потврдување на фактичката состојба. Не е предложено спроведување инспекциски надзор, ниту се преземени сите потребни мерки и активности за утврдување на причините кога дел од избраните најповолни понудувачи доставиле изјава заверена на нотар дека се откажуваат од договорот, наведува Николовски.
Според него, сите акти кои ги изработувала и потпишувала Комисијата за спроведување на постапка по еден оглас, кои се однесуваат на различни региони, се заведувале под ист деловоден број и датум.
– По раскинувањето на договорот за закуп, земјоделското земјиште не е вратено во првобитна состојба и не е составен записник за враќање во владение, односно утврдено е противправно користење без плаќање закупнина. Немало воведено апликација за водење земјишен регистар, генерирање потребна база на податоци за земјоделско земјиште, следење на соодветна наплата и подобрување и зголемување на инспекцискиот надзор, додава дополнителниот заменик-министер.
Иако од страна на Комисијата за спроведување на постапка е даден предлог за поништување на целиот јавен оглас за површини до 10 хектари во 2014, бидејќи биле објавени површини поголеми од 10 хектари и како услов не бил утврден наведен материјална-техничка омпременост на понудувачот, министерот, како што вели Николовски, поништил една од постапките, а во јавните огласи не била барана документација за докажување и материјално-техничка опременост како учество на огласот. Притоа биле избрани најповолни понудувачи и склучени договори за закуп.
Николовски наведува и дека биле склучени договори за закуп на површини над 10 хектари по објавен оглас во 2014 година, иако избраните најповолни понудувачи не доставиле банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот. Не биле преземени мерки за наплата на закупнината, така што за периодот од 1999 до 2013 година се водат 282 субјекта за износ од 162.134.000 денари.