Кавадарци ќе сувенционира печење на ракија на плин место на дрва. Стопроцентно ќе им биде покриен трошокот на кавадарчани кои ќе го сменат механизмот за загревање на казаните, а целта е намалување на загадувањето, информираше синоќа кавадаречкиот градоначалник Александар Панов, за време на неговите средби со граѓаните, на кои се утврдуваат приоритетите на урбаните и месните заедници.
-Бидејќи според нашите анализи најголем загадувач во овој период се луѓето кои печат ракија, решивме да им помогнеме во намалување на нивните трошоци. Така наместо со дрва, лозанки, крпи и пластични материи, печењето на ракија да го обават користејќи го најеколошкото средство со кое располагаме, а тоа е плинот. Доколку ова се повторува во континуитет неколку години, доколку стигнеме до поголем процент на луѓе кои ќе користат плин за печење на ракија, тогаш мислам дека ќе имаме многу ниско ниво на загадување. Тоа е тоа што ние како локална самоуправа и како граѓани можеме да го направиме, нагласи градоначалникот Панов.
Соопшти дека ваквата мерка ќе се донесе веќе на наредната сеница на Советот на општината, која треба да се одржи некаде околу средината на овој месец.
Тој појасни дека по набавката и инсталирањето на новиот механизам за загревање на казаните од страна на корисниците, целокупниот платен износ со соодветна финансиска документација, ќе треба да ги достават до локалната самоуправа, која во најбрз можен рок ќе им ги врати вложените пари.
Градоначалникот потсети на проектот за гасификација кој ќе значи многу помало загадување, а информираше исто така дека Вардарскиот плански регион работи на проблемот со третманот на отпадот од неколкуте општини.
Продолжуваат средбите на кои се разговара околу тоа што е досега направено и како понатаму, за патната инфраструктура и идните инвестиции.
Панов ги повика кавадарчани да доставуваат и предлози до општината, околу тоа што сметаат дека би требало да се направи во понатамошниот период, во делот на комуналната изградба. Доколку нивните идеи се издржани и има доволно финансиски средства, тие ќе бидат и реализирани.