Речиси 300 милиони деца живеат во краишта каде воздухот е толку загаден што може да биде сериозно штетен за здравјето, па дури и за развој на нивниот мозок, објави УНИЦЕФ.
Секое седмо дете во светот вдишува воздух што е најмалку шест пати позагаден од меѓународно поставени норми, покажува истражување на УНИЦЕФ.
Тие предупредуваат дека загадувањето на воздухот е еден од главните фактори за смртност кај децата.
Истражувањето Прочистете го воздухот заради децата, објавено е една недела пред годишната конференција на ОН за климатски промени во Мароко што треба да се одржи од 7 до 18 ноември.
УНИЦЕФ предупредува дека загадениот воздух веќе предизвикува штета од 0,3 отсто на светскиот БДП.
– Загадувањето на воздухот е важен фактор за смрт на речиси 600.000 деца помлади од пет години секоја година и е закана за животите и иднината на милиони секој ден, предупреди Ентони Лејк, извршен директор на УНИЦЕФ.
Како доказ, УНИЦЕФ истакнува сателитски снимки кои потврдуваат дека околу две милијарди деца живеат во подрачја во кои загадувањето на воздухот надминува ниво на СЗО за минимални стандарди за квалитет на воздух. Најмногу деца во загадени подрачја живеат во Јужна Азија, околу 620 милиони, а следат Африка со 520 милиони и источна Азија и Пацифик со 450 милиони.