Во галеријата „Глиптотека“ во Хрватската академија на науките и уметностите е отворена изложбата „Пет капки сон“ на Милчо Манчевски. Изложбата ја отвори директорката на галеријата при ХАЗУ Аријана Краљ.
Таа, како што информира С-прес, на отворањето истакнала дека секоја фотографија на Манчевски е „секвенца не само на просторот, туку и секвенца на меморијата. Искра која ја понесувате со себе и ја паметите не само како убава слика, туку како она што ве допрело, гибнало и останало во нас, како блесок на сопствениот пат. Тоа резиме на стварноста, спој на едноставност и раскош на идејата е она што оваа изложба ја чини така единствена“.
„Пет капки сон“ веќе беше претставена на фотографското биенале „Грид“ во Амстердам, во галеријата „Мијако Јошинага“ во Њујорк, како и во Скопје, Софија, Белград и во Нови Сад.
Филмот „Мајки“ на Манчевски, пак, минатата недела беше прикажан и на Хрватската телевизија, а рецензијата таму, меѓу другото, посочува дека „со оваа градација од играно кон документарно, Манчевски истакнува дека реалноста е побизарна и посурова од која било фикција“. ХРТ минатата недела го прикажа и „Пред дождот“ во специјална емисија во која беше емитувано и опширно интервју со Манчевски.
Вториот филм на Манчевски „Прашина“ овој и минатиот месец беше прикажан на американскиот филмски канал „Рилз“, во рамки на циклус вестерни.