Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска ги посети прилепскиот „Завод и Музеј“ и манастирот Трескавец при што се информираше за текот на повеќе проекти, меѓу кои за зафатот со покривната конструкција на Музејот и обновата на опожарените конаци на манастирот Трескавец.
Според Канческа Милевска, во Прилеп се одвиваат голем број капитални проекти за заштита на културното наследство.
– Разговаравме за големиот број проекти кои се од капитално значење за заштитата на културното наследство, зашто Прилепскиот музеј работи на повеќе значајни проекти, вклучувајќи го и „Македониумот“ како споменик на културата во Крушево. Таму е избран изведувач кој интензивно работи на екстериерното и на интериерното уредување на Македониумот, рече Канческа Милевска.
Во музејот, потенцира, се работи на два значајни проекта: конзервацијата на фрескоживописот во црквата „Св. Никола“ кај манастирскиот комплекс Зрзе, како и на фрескоживописот на манастирскиот комплекс „Свети Никола“ во Мариово.
– Целосно е завршен проектот за комплетната реконструкција на покривната конструкција на „Завод и Музеј“ Прилеп. Тоа е ново препокривање со хидро изолација, со сите придружни елементи каде е сместен музејот, каде е и новата археолошка поставка, а етнолошката поставка ќе биде промовирана в година. Во музејот е објавен тендер за избор на фирма која ќе го уредува лапидариумот во централниот дел на музејот, изјави Канческа Милеска.
При посетатата на манастирот Трескавец министерката за култура најави дека до крајот на следната година ќе заврши проектот за обнова на конаците.
– Динамиката е во нагорна линија. Се планира до крајот на ноември градбата да дојде до затворена карабина и согласно рокот, до крајот на следната година да заврши овој проект вреден 1. 640 000 евра, а тоа е целата реконструкција на конаците на Трескавец. Паралелно се работи на изработката на проектите за црквата, магерницата и за трпезаријата. Тие се во завршна фаза, а потоа, надлежната институција ќе објави тендер. Во меѓувреме во Трескавец се работи на археолошки истражувања, рече Канческа Милеска.
Многу е значајно, посочи, што во Прилеп се реализирани повеќе проекти, а ќе се разгледуваат и новите за 2017 година.
– Целосно е завршена реконструкцијата на манастирскиот комплекс Зрзе, завршена е изградбата на источниот конак на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош, обновени се повеќе фасади на староградски куќи, реконструирана е салата во Центарот за култура „Марко Цепенков“, се отвори киното „Мис Стон“. Ние продолжуваме со нашата динамика и со проектите. Во Министерството веќе е формирана комисијата која ќе ги разгледува новите проекти за идната 2017 година кои пристигнаа во септември и се надевам дека се што е предложено од надлежните институции ќе биде и прифатено, рече министерката за култура.
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески Прилеп, прерасна во еден од водечките градови во Македонија по културната туристичка понуда.
– Се надевам дека наскоро ќе заврши проектот за реконструкција на конаците што го спроведува Министерството за култура и манастирот Трескавец ќе може да ги прими сите посетители и туристи кои сакаат да дојдат и да го посетат овој култен манастир не само во Прилеп, туку и во Македонија. Со сите овие капитални проекти, реализирани со Министерството и во соработка со локалната самоуправа, Прилеп се воздигна во еден од најинтересните градови за посета на туристите и се развива културниот туризам, изјави Ристевски.
Сопственикот на фирмата „Кото“ од Србија, изведувач на работите на Трескавец, Никола Ѓулизибариќ, вели дека ќе се запазат роковите за работа.
– Работиме со полна пареа. Имаме работници од Србија. Ќе го испочитуваме рокот. Ќе работиме додека времето не служи, посочи Ѓулизибариќ.
За отец Калист, единствениот жител на Трескавец, голема радост е што интензивно се работи за обнова на манастирот.
– Овде навистина се работи интензивно и ќе бидеме среќни кога ќе се обноват конаците, а и ќе се реставрира и ќе се заштити и црквата „Успение на пресвета Богородица“ зашто е дел од богатото културно наследство и е многу значајна, наведе отец Калист.