Во организација на Националниот совет на македонската национална заедница во Република Србија, во недела во Панчево ќе се одржи свечена академија по повод 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина.
На академијата ќе се обратат претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и претседателот на Република Србија Томислав Николиќ, а поздравно обраќање ќе има и Борче Величковски, претседател на Националниот совет на македонската национална заедница.
Во рамки на јубилејната прослава ќе биде засадено „Дрво на пријателството“ и ќе биде потпишан протокол за збратимување на општина Македонски Брод и месната заедница Јабука.
Во рамки на прославата ќе се одржи изложба на уметнички дела на академскиот сликар Павле Кузмановски и ќе биде приредена богата културно-уметничка програма.