Претседателот Ѓорге Иванов денеска одржа координативна средба со заменик претседателот на Владата на РМ и претседавач со Националниот совет за одржлив развој, Владимир Пешевски, на која учествуваа и националните координатори за климатски промени и за одржлив развој на Република Македонија и претставници од Министерството за надворешни работи.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, биле разменети мислења за значењето што Парискиот договор за климатски промени го има за Република Македонија и влијанието што неговата имплементација ќе ја има врз економијата, енергетскиот сектор, транспортот и индустријата во земјата.
Република Македонија беше една од 195-те држави кои во ноември 2015 го усвои овој прв универзален и правно-обврзувачки договор што треба да стапи на сила во 2020 година. На 22 април 2016 година, амбасадорот на Република Македонија при Обединетите нации го потпиша Договорот од Париз во име на Владата на Република Македонија.
На средбата, како што се посочува во соопштението, било оценето дека со потпишувањето на Парискиот договор во Њујорк, Република Македонија ја покажа својата заложба за приклучување кон светските напори за намалување на климатските промени. На средбата претседателот Иванов ја истакнал потребата од ратификација на договорот за климатски промени, по конституирањето на новиот состав на Собранието на Република Македонија.
– По усвојувањето на историскиот климатски договор од Париз минатата година и свеченото пристапување кон договорот во Њујорк, неопходни се одлучни чекори и мерки за исполнување на неговите одредби, нагласил претседателот Иванов на средбата.
Соговорниците размениле мислења за можностите за искористување средства од фондовите за прилагодување и имплементација на обврските што произлегуваат од договорот за климатски промени.