Шестото издание на Неделата на дизајн во Скопје (Skopje Design Week), годинава ќе се одржи од 23 до 27 ноември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје.
Во моментов отворен е конкурсот за учество на 6.Недела на дизајнот во Скопје.
Дизајнерите, студијата за дизајн, компаниите, продавниците, фабриките, застапниците и дистрибутерите кои сакаат да ги изложат и продаваат своите производи за време Недела на дизајнот во Скопје можат да се пријават до 30 октомври.
Производите можат да бидат од најразличен формат, материјали и бои, но значајно е да имаат истакната употреблива вредност и пазарен потенцијал. При селекција на предложените производи и брендови предност се дава на производите кои ги задоволуваат следните критериуми: функционалност, пазарен потенцијал, цена на чинење и естетика.
Деталната пријава за учество може да се најде на официјалниот сајт на „Skopje Design Week 2016“.
До 30 октомври ќе биде отворен и конкурсот за дизајн на престилка, кој е наменет за студенти, а кој Неделата на дизајнот во Скопје го реализира во соработка со Италијанската стопанска комора во Скопје. Наградата за најдобриот дизајн ќе биде учество на летна школа на Академија Италијана во Фиренца во текот на 2017 година. Деталите за конкурсот може да се најдат на сајтот на „Skopje Design Week“.
Главната програма на Неделата на дизајнот во Скопје го задржува веќе испробаниот рецепт на повеќеслојна платформа која овозможува промоција, презентација, едукација, кулинарство и забава. Основниот сегмент на Неделата на дизајнот во Скопје се изложбата, презентациите и работилниците и, секако, уникатна музичката програма до доцните часови.
Земја во фокус на шестото издание на Неделата на дизајн е Австрија, дизајн велесила, од каде доаѓаат 28 изложувачи. Во однос на презентациите ќе гостува еден од најуспешните дизајнери од регионот, Зоран Једрејчиќ, кој ќе го претстави концептот на Белградскиот саем за мебел, односно новата акција за Дизајн брендови од регионот и нивно директно поврзување со интернационални купувачи и дистрибутери.
Маја Лалиќ и Александар Велиновски ќе ја претстават платформата „Балканска дизајн мрежа“, нејзиното проширување во поглед на членки и настапите на подалечни дизајн-фестивали.
Годинава првпат ќе бидат доделени награди за Најперспективен бренд и Студентски дизајн, а програмата ќе биде дополнета со две работилници за деца, музички настапи во живо секоја вечер на сцената во „Јавна соба“, како и со кулинарски настани.
Неделата на дизајн во Скопје е фестивал на кој се претставуваат нови и иновативни дизајн-решенија на производи, графички дизајн, брендови, ребрендирања и кампањи на производи, како и моден дизајн, а на скопската мапа на иновативноста, креативноста, вкусната кујна и доброто расположение е вцртана од 2011 година. Влезот за време на фестивалот за сите посетители е слободен.