Општина Зрновци започна со изградба на вториот пат со кој се олеснува пристапот на земјоделците до нивните земјоделски површини.
Станува збор за пат во должина од 1,8 метри и ширина од 4 метри за кој се инвестирани еден милион денари обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
– На овој пат се планира пробивање, тампонирање, планирање и валирање. И на сите земјени канали коишто поминуваат покрај самиот пат ќе бидат поставени пропусти за да не дојде до оштетување на патот од страна на земјоделците, изјави Блаже Станков, градоначалник на општина Зрновци.
Тој оцени дека патот ќе биде од големо значење за земјоделците кои што во овој дел имаат земјоделски површини, бидејќи досега патот беше непрооден и обраснат со грмушки.
Градоначалникот на Зрновци на денешната прес-конференција се осврна и на информациите дека голем број млади последните години се иселиле од општината.
– Воопшто не е точна информацијата дека од општина Зрновци последните години се иселиле голем број млади. Напротив, тие се иселени многу порано, односно во времето на транзицијата во Македонија кога се продадоа фабриките. Конкретно во Зрновци до 2002 година се продаде задругата „Зрновка“ ,при што останаа 160 луѓе без работа, меѓутоа нивните деца неможејќи да најдат вработување беа принудени да заминат од нашата општина, рече Станков.