Република Македонија и Босна и Херцеговна се две пријателски земји кои имаат една цел, а тоа е мир, безбедност, просперитет за целиот регион, заклучиле на денешната средба во Сараево, министрите за одбрана на Македонија и на БиХ, Зоран Јолевски и Марина Пендеш.
На средбата, соопшти денеска МО, министерот Јолевски кој е во официјална посета на БиХ, истакнал дека двете земји имаат заедничка иднина, а тоа е членство во НАТО и Европската Унија.
– За нас како држава нема сомнеж дека само интегриран Балкан може да придонесе кон безбедноста на целиот континент, факт кој се увиде во текот на мигрантската криза, рекол Јолевски.
Мора да се изнајдат начини, подвлекол Јолевски, земјите од регионот да го направат следниот чекор кон целосна интеграција во Алијансата. Тој посочил дека Република Македонија во 2008 година ги исполни сите критериуми за членство, додека Босна и Херцеговина мора да го започне процесот на пристапување со доделување на Акцискиот план за членство.
Во контекст на меѓусебната соработка, министерот посочил дека таа е на највисоко ниво.
– Босна и Херцеговина ни го доверува образованието на идните лидери и офицери во вооружените сили и тоа е еден дополнителен мотив Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ која е признат регионален воено-образовен центар да продолжи да ги унапредува своите капацитети, рекол Јолевски. Посочил дека Центарот за обука на пилоти претставува уште една одлична можност за продолжување на соработката, особено имајќи предвид дека воени пилоти од БиХ веќе го посетиле Центарот и дале исклучително позитивни оценки.
Во однос на регионалните центри, министерот Јолевски посочил дека соработката помеѓу Тренинг-центарот за меѓународни мировни мисии во Сараево и Регионалниот центар за односи со јавноста како два НАТО-центри, продолжува и во иднина.
Министерката Пендеш истакнала дека двете земји имаат особено развиена соработка која соодветствува со односи на две пријателски, партнерски земји.
Во контекст на регионалната соработка, министрите изразиле задоволство од реализацијата на Балканските медицински сили, чиј Главен штаб беше неодамна отворен во Скопје.
Во текот на денешниот ден, соопшти МО, министерот Јолевски ќе има средби и со претседавачот на Заедничката комисија за одбрана и безбедност на Парламентарното собрание на БиХ, како и со командантот на ЕУФОР – АЛТЕА. Ќе ги посети и припадниците на АРМ кои се дел од мисијата, а ќе положи и венец со свежо цвеќе на споменикот на загинатите припадници на АРМ во хеликоптерската несреќа.