Еврогрупата се договори за намалување на долгот на Грција

Од:

Министрите за финансии од еврозоната се договорија за формула за намалување на грчкиот долг на 124 проценти од БДП до 2020 година, со тоа што Атина ќе биде подложена на уште поголема фискална контрола, но со можност долгот да и се намали уште повеќе во наредните години, јави дописникот на МИА од Атина.

Третиот состанок на еврогрупата за две недели, кој траеше 12 часа, резултираше со договор меѓу министрите за финансии и извршниот директор на ММФ Кристин Лагард за мерките кои веднаш ќе го намалат грчкиот долг за 20 процентни поени, и е направен план како да падне под 110 отсто од БДП до 2022 година.

Договорот исто така значи дека Грција до крајот на годинава ќе добие 34,4 милијарди евра, од кои 23,8 милијарди се наменети за рекапитализација на грчките банки, но остатокот од помошните кредити (9,3 милијарди евра) што се очекуваа наредниот месец, ќе бидат исплатени во три транши на почетокот на следната година.

– Овде не се работи за пари. Ова е ветување за подобра иднина за грчкиот народ и зоната на еврото во целина, излез од ерата на промашени цели и лабава имплементација кон нова парадигма на реформи, одбивајќи ги должничките стапки и враќање кон раст, изјави шефот на еврогрупата Жан Клод Јункер по состанокот.

– Ова беше тест за еврозоната и ние едноставно не можевме да си дозволиме да не го поминеме. Можевме да постигнеме договор затоа што Грција покажа сериозност за реформите, Грција помина долг пат и еврогрупата го признава тоа, изјави еврокомеасарот за монетарни прашања Оли Рен.

Лагард ја повтори посветеноста на ММФ на грчката програма но рече дека Фондот ќе чека прво да се спроведе шемата за откуп на обврзници со цел намалување на грчкиот долг, а потоа ќе одлучи за доделување на неговиот дел од финансиската помош.

– Кога ќе има напредок во одредување и исполнување на обврските преземени денес, особено спроведување на  шемата за откуп на обврзници за намалување на грчкиот долг, јас ќе бидам во позиција да му препорачам на Извршниот одбор на ММФ завршување на првата ревизија на програмата за Грција, изјави таа.

Грчкиот премиер Андонис Самарас само кусо изјави дека се поминало добро. – Сите Грци се бореа заедно. За сите Грци утре почнува нов ден, рече Самарас.

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Димитриеска-Кочоска на средби во ММФ – Го стабилизираме управувањето со јавните финансии, фокусот е на дисциплинирано буџетско трошење, ефикасно прибирање на приходите и економски раст

ММФ: На глобалната економија и се закануваат високи долгови и низок проектиран раст

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка